Клетвата која ги претворила сите на свадба во камени кукли и уште 3 легенди за места и ликови во Македонија

Клетвата која ги претворила сите на свадба во камени кукли и уште 3 легенди за места и ликови во Македонија
Клетвата која ги претворила сите на свадба во камени кукли и уште 3 легенди за места и ликови во Македонија

Легенди и преданија, приказни што ни ги имаат раскажувано баби и дедовци… Имам чувство како сето ова да го заборавивме, како да се свртевме спрема она што како можност постои далеку во иднината, без да се присетуваме на наративите што ни будеа страв и трепет, радост и нè вадеа од онаа заспаност, едноставно нè правеа жедни да ѕирнеме подалеку од она што може да го осознаеме преку нашите сетила.

Македонија како земја е преполна со секакви верувања, иако сè помалку се зборува за легендите кои кружат за различни локалитети, сепак постојат луѓе кои со задоволство им се навраќаат и решаваат да ги посетат. Со надеж дека можеби тие ќе бидат меѓу ретките кои ќе засведочат некоја паранормалност, некое прекршувања на две стварности.

Оние кои живеат во близина на Куманово сигурно се запознаени со местото Самовилски водиво село Зубовце.

Ако некогаш патот ве одведе таму, немојте да се изненадите од облеката расфрлана по ридови. Точно е дека изгледа како некоја сцена од постапокалиптичен филм.

Таму се наоѓа загадочен кладенец и кружат гласини дека може да лекува, а воедно и да ги ослободи луѓето од несреќите што дотогаш ги следеле во животот.

Во близина на Кратово се наоѓа локалитетот Куклица, за многумина познат и како „Весела свадба“.

Мислам дека ова место преку кое се отсликува болката и гневот на една девојка е толку популарно, што речиси не постои некој што ја нема слушнато легендата.

Кутрата несреќница му фрлила клетва на своето момче кое стапувало во брак со друга девојка, па сите присутни се претвориле во камени кукли. Од младите, па сè до кумот и свирачите.

Кога веќе зборуваме за место во близина на Кратово, може да се спомене и легендата за Радин мост, која се поврзува со деветте браќа-ѕидари.

Мајка им на своите синови им оставила аманет со тоа што требале да градат по еден мост каде и да било изводливо тоа. Арно ама, кога требало да се гради мостот на Манцева Река, тој постојано се рушел.

Не помагало ништо, освен едно нешто. Па така, браќата согласно се договориле во темелите на мостот да ја соѕидаат снаата која прва ќе се појави за да им донесе ручек. Сите браќа ги предупредиле своите жени, освен најмладиот.

Па така, се појавила Рада, носејќи јадење за деветте браќа, нормално дека најмладиот син почнал да плаче, но останатите браќа ја соѕидале жива. Но, Рада ги замолила да ја остави десната града за да може да се надои нејзиниот син. Колку пати и да ја преслушаме легендата, сочувствуваме со младата мома и она што ѝ се случило.

Ќе опфатиме и една интересна личност за која кружат многу интересни приказни, а тоа е ликот на Батко Ѓорѓија, чиј бронзен споменик од 1,8 метри го краси градскиот плоштад, а воедно претставува синоним за Куманово.

Изгледа дека неговите сограѓани посебно се горди на приказните произлезени од народот за него. Многумина го споредуваат и со Итар Пејо, но Батко Ѓорѓија е синоним на боемски живот. А, истовремено претставува и човек кој бил вљубен во сè што е туѓо, од туѓа жена, па до туѓ добиток.

Тука ќе завршиме со овој краток преглед на интересни легенди, да се потсетиме од нашите градови од села и повторно да ги оживееме, прераскажувајќи ги.