Чудото од природата: Преубави фотографии на небото направени од јато птици

Причините за собирање во јато се полесно пронаоѓање храна, заштита од грабливки, полесна навигација за време на преселбите и размена на важни податоци.

Птиците за време на летот го следат правецот на водачот, движејќи се нанапред во насока на движењето на соседот. Птиците се способни да го следат движењето на седум свои соседи. Кoга ја менуваат насоката на летот, тоа прво го прават птиците од надворешниот дел на јатото и тоа го пренесуваат на оние што се во внатрешниот дел. Било која птица може да ја смени насоката на летање.

Големите птици што прелетуваат многу долги растојанија, како гуските и пеликаните, создаваат формации во облик на буквата V. Таквиот лет овозможува секоја птица да го искористи воздушното струење кое го произведува птицата пред неа и така да заштеди 70% од силата. Затоа, водачот на јатото што ја нема таа можност, се менува. Најголемата птица што прави јато е фламингото.

Јатото може да достигне големи височини. На пример, забележан е лет на лебеди на висина од 8.800 метри.

Јатото на птиците им овозможува и заштита од грабливки. Повеќе единки полесно ќе воочат некој натрапник отколку ако птицата е сама. А при напад, грабливката ќе мора да води сметка да не влета во јатото кое може да го повреди. Затоа ќе се обиде да ја растера групата и да ја грабне птицата што ќе заостане.